Македонија
1. July 2017 - 14:51

Опожарена борова шума во Кривопаланечко

Еден декар борова шума изгоре во синоќашниот пожар кој избувна во Кривопаланечкото село Конопница.

Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка интервенирала со едно возило и двајца пожарникари.

- Дојавата ја примивме половина час по полноќ, на први јули, за запалена шума. Едно возило и двајца пожарникари се упатија на лице место, во маала Стамболици, село Конопница, наспроти градската депонија. Пожарот за среќа, за кратко време е локализиран од нашите екипи, а изгорена е површина од околу еден декар борова шума. Пожарот целосно е изгаснат околу 3 часот и 40 минути утринава, изјави Иле Коцевски, командир на ТППОЕ, Крива Паланка.

Причините за настанување на пожарот дополнително ќе бидат утврдени.

Според Коцевски, граѓаните мора да бидат крајно внимателни во периодов на екстремно високи температури.

- Овој пожар е трет за неполни три дена, а сите се на отворен простор. Поради тоа уште еднаш апелирам до сите граѓани да внимаваат при ракување со запалливи материи, да го ограничат движењето во шума, а при престој во шума или планина, да не фрлаат догорчиња од цигари, за да се елиминира можноста истите да причинат пожари, нагласи Коцевски.

Потсети дека минатата година како превентивна мерка за заштита од шумски пожари, Владата на Република Македонија воведе забрана за движење во шуми која беше на сила до 10 септември. Годинава сеуште нема на сила ваква забрана, но глобите кои следуваат за правните лица кои не преземале мерки за заштита на шумите од пожари изнесуваат од 15.000 до 20.000 евра, додека казните за палење плевели се движат од шест до осум илјади евра за правни лица и до три илјади евра за физички лица. Освен казните за прекршок, сторителот ќе треба да ја надомести и настанатата штета.