Македонија
29. December 2016 - 13:23

Опожарен автомобил на поранешен пратеник поради одмазда

Триесетгодишниот кумановец А.Р. поради одмазда предизвикал пожар и го запалил автомобилот на поранешниот пратеник 42-годишниот М.Џ од Куманово.

Настанот, соопшти денеска СВР Куманово, се случил вчера, а кај нив телефонски бил пријавен во 01.40 часот утрово. По пријавувањето  на пожарот на автомобилот „голф 6“, кумановската полиција презела мерки за расчистување на кривичното дело и дошла до сознание дека А.Р е можниот сторител, по што е лишен од слобода и извршен е разговор со него.

- Поради претходни расправии со М.Џ, вчера околу 01.30 часот на улицата „11 Октомври“ број 60 го забележал паркираниот  автомобил голф 6 и поради одмазда решил да го запали, при што со бензин го испрскал предниот дел на хаубата, а потоа со запалка го запалил возилото,- стои во соопштението на СВР Куманово.
 
Од пожарот било зафатено и „пежо 206“, сопственост на Е.С, предизвикувајќи, се додава во соопштението, значителна опасност за животот на луѓето или имот од големи размери. Причинетата материјална штета е во ведност од 792.000 денари. Кумановските пожарникари го изгаснале пожарот.
 
Во тек е подготовка на кривична пријава за сторено кривично дело по член 288 од Кривичниот законик на Р.Македонија.