Македонија
30. March 2016 - 13:35

ОПМ: Потребна е промена на менталитетот на потрошувачите

Потрошувачите во Македонија не се доволно едуцирани и агресивни во остварување на своите права. Треба да се промени менталитетот на домашните потрошувачи тие да почнат да го бараат она што го плаќаат.

Ова го порача Јадранка Дабовиќ Анастасовска професорка од Правниот факултет учесник во изработката на Студијата на тема Здруженијата на потрошувачи во системот за заштита на потрошувачите - насоки за унапредување на нивната положба во РМ, што беше презентирана денеска во ЕУ Инфо центарот.

- Потрошувачите се најбројни но се најслабата алка во процесот на производство и трговија. Во Македонија нема доволно агресивни и едуциурани потрошувачи зошто го немаме во менталитетот, рече Дабовиќ Анастасовска посочувајќи на примери на кои не реагираат потрошувачите во земјава.

Појасни дека не се реагира на ситуација како што се плаќање опомени за задоцнето уплаќање рати од кредит, немање датум на свежата риба и месото, а дека не се почитуваат и правата во делот на обезбедување здрава животна средина.

За подобрување на состојбите од Организацијата за заштита на потрошувачите посочуваат дека треба да спроведуваат повеќе активности за што се потребни повеќе средстава, како што е пракса во земјите од регионот и ЕУ.

- Би сакале да работиме многу повеќе, но буџетите ни се многу лимитирани. Само Град Скопје дава поддршка на Организацијата за заштита на потрошувачите, но ниту една друга локална самоуправа не ги поддржува организациите, рече Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Студијата која беше денеска промовирана е изработена од ОПМ со поддршка на програмата Цивика Мобилитас, идентификува предизвици и нуди решенија за осмислување нови одредби за здруженијата на потрошувачите во правната рамка, како и за унапредување на нивната соработка со локалните и националните власти и деловниот сектор во креирањето и спроведувањето мерки за заштита на потрошувачите. 

Целта, според ОПМ, е да се подобрат заштитата, претставувањето и застапувањето на потрошувачитките интереси согласно политиките и решенијата на ЕУ и на државите-кандидати за членство.