Бизнис
19. September 2024 - 16:33

ОПМ: Мерката за ограничување на маржите е корисна

Иако е краткорочна, мерката за ограничување на маржите е корисна, велат од Организацијата на потрошувачите. Според претседателката на ОПМ, граѓаните се изненадени од секојдневните поскапувања и купуваат се помалку за да заштедат, па есенската кошничка со стотина производи меѓу кои лебот, пекарските и млечните производи, месото, овошјето и зеленчукот, шеќерот, брашното и зејтинот кои еден месец ќе се продаваат со ограничена бруто профитна маржа до 10%, е добар чекор.

Ние секогаш сме биле за намалување на маржите, особено со ова енормно покачување на цените сега кога ние како потрошувачи сме затечени и ја намалуваме нашата домашна потрошувачка со цел нешто да се заштеди што влијае на економијата на државата. Сметаме дека е тоа корисно и е еден чекор напред, иако сметаме дека е тоа краткотрајна мерка, треба подолготрајни мерки да се преземаат“ – Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ

Министерот за економија вчера најави дека освен есенска, ќе се прави и новогодишна, божиќна, рамазанска и велигденска кошничка, оти како што рече, трговците најмногу ги поскапувале производите за празниците.

Во меѓувреме, ред со цените треба да стави и законот за нефер трговски практики кој ќе стапи на сила за околу една недела. Од ОПМ велат иако потрошувачите не се директно засегнати со него, индиректно ќе бидат заштитени.

Тоа не е на потрошувачите, тоа се нефер трговски пракси кои се наметнуваат на самите производители од страна на трговците. Тие им се ним добавувачи. Индиректно ќе се заштитат потрошувачите со тоа. Индиректно, зашто тие ќе ги намалат маржите на тие 2.500 производи кои им ги добавуваат добавувачите“ – Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ

Трговците имаа 6 месеци да се прилагодат и да склучат нови договори со производителите и добавувачите, со кои, покрај органичен рабат, трговците веќе нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакување одреден производ на полица. Подготвена е и листа со над 2.500 производи чија маржа не смее да надминува 10%. Казните за непочитување на законот се до 20 илјади евра.