Бизнис
1. јуни 2020 - 16:39

ОПМ бара намалување на цената на зелениот картон или продолжување на важноста

Да се намали цената на зелениот картон. Дел од граѓаните со апел на социјалните мрежи. Со оглед на тоа што веќе неколку месеци границите се затворени, а зелените картони не се користат, бараат за периодот во кој трае забраната за патување, минимум три месеци, при следната регистрација цената на зелената карта да биде пониска.

Од агенцијата за супервизија на осигуреници велат дека будно ја следат состојбата во осигурителниот сектор. Од таму тврдат дека уште во април добиле барање од организацијата на потрошувачи за продолжување на важењето на зелената карта за дополнителниот период за кој истата не можела да се користи поради прогласената вонредна состојба или да се овозможи попуст при купување на следниот зелен картон.

Барањето од Организацијата на потрошувачи истовремено е доставено и до Министерството за финансии.

Агенцијата го разгледа добиено барање при што констатира дека согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, надлежност за утврдување на висината на дополнителната премија за зелена карта има Комисијата за автомобилска одговорност и Владата на Република Северна Македонија која со Одлука ја утврдува висината на премијата за зелена карта.

Ставот на Агенцијата е дека барањето на Организацијата на потрошувачи е оправдано особено во услови на економска криза предизвикана како резултат на пандемијата, а исто така имајќи во предвид дека поради затвореност на границите, ризикот на друштвата за осигурување како издавачи на зелената карта бил намален, се вели во допсиот на агенцијата за супервизија на осигуреници.

Од финансии велат дека барањето ќе биде разгледано.

Според ценовникот за патничко возило до 66 киловати годишниот зелен картон чини 3.690 денари, а месечниот е 1.850  денари додека над оваа јачина цената е  5.536 денари за годишниот односно 3.075 за месечниот.