Македонија
16. February 2019 - 10:15

Операта „Хофманови приказни“ во МОБ

Македонската опера и балет вечер од 20 часот ќе ја изведе операта „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах на австриската режисерка Урсула Хорнер, во која поетот Ернест Теодор Хофман ги раскажува своите вонвременски приказни за љубовта.

Хофман е и главен протагонист во операта и врз три негови кратки приказни се темели либретото на француски јазик што го напишал  Жил Барбиер. Заедно со Мишел Кери, Барбиер претходно направил претстава „Хофманови приказни“ која била продуцирана во театарот „Одеон“ во Париз во 1851 година и која композиторот Офенбах ја гледал.

-Приказните на Хофман се карактеризираат со нијанси на емоции проследени со алегориски фигури: љубов, добро и зло. Разочаран и исцрпен, Хофман се буди како од кошмар да сознае дека вистинската убавина и вистинската љубов се наоѓаат во нас… „Хофманови приказни“, која самата по себе плени со прекрасна музика, ги следи доживувањата на боемот Хофман, но плени и со впечатлив наративен спој на настани од реалноста завиени во научно-фантастичен контекст, наведува МОБ.

Во оперската претстава ќе настапи бројна солистичка екипа, во која насловниот лик (Хофман) ќе го игра Рафаел Алварез од Мексико. Учествува хорот и оркестарот на МОБ. Диригент е Андреа Черта од Италија, сценограф Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска, а кореографи  се  режисерката Хорнер и Олга Панго.