Македонија
19. March 2019 - 16:34

Опасни играчки за децата во слободна продажба, лекарите предупредуваат на внимателност

Играчки без декларации и сомнително потекло се уште во голем број им се достапни на децата во Македонија. Најопасен е слајмот кој го има во речиси сите продавници а за голем број производи од оваа марка е докажано дека се отровни. Ова го тврдат од организацијата Новинари за човекови права кои велат дека оваа омилена играчка содржи бром кој влијае на репродуктивниот систем а предизвикува и алергии. Иако и системот за брзо предупредување при Европската комисија уште лани го смести во групата на производи со висок ризик, кај нас, како што алармираатт од организацијата, мора да се спречи и увозот на црно.

-Она што како родители се соочуваме сите е слајмот за кој постојано читаме дека е опасен, а еве според наши сознанија минатите недели биле вратени камиони со слајмови да влезат во земјата. Ова покажува дека интитуциите работат, но нас проблем ни е црниот пазар, а верувајте такви се 70 проценти од производите, вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.

Стенд И покрај предупредувањата дека не е безбеден за децата, популарниот слајм денеска без никаков проблем го купив во продавница за играчки во центарот на Скопје. Во прозирна пластична кутија без да пишува земја на потекло, ниту пак состав. Многу родители и деца не се свесни колку слајмот може да го загрози нивното здравје.

Во лабораториите на Институтот за јавно здравје го испитуваат составот на играчките дали се безбедни за децата. Немаат детални информации за составот на слајмот, но и покрај тоа не го препорачуваат за играње.

-Не го препорачувам тоа, мој совет е родителите и децата да не го купуваат зашто може да дојде до алергиски реакции, вели проф. Михаил Кочубовски од ИЈЗ.

Не само за слајмот, експертите бараат на пазарот во Македонија да има безбедни играчки како и посебни мерки за оние кои ги увезуваат.