Македонија
14. December 2016 - 10:01

ООМУ „Стефан Гајдов“ во Велес - 71 годишна успешна работа на првото музичко училиште во Македонија

ООМУ „Стефан Гајдов” се наоѓа во централното градско подрачје на ул „Благој Нечев“ бр. 8 во месноста Дворови во Велес, непосредно до железничките пруги Скопје- Кочани и реката Вардар. Во близина на училиштето се наоѓаат народната кујна, ДУСО „Јовче Тесличков“, Градскиот музеј, локалната библиотека „Гоце Делчев“, ликовниот салон, салата „Бели Мугри“ и други општествени и културни објекти.

Во 1945 година по ослободувањето и признавањето на македонската државност за првпат во историјата на македонскиот народ слободно се зборувало и пеело на македонски јазик. Во тоа време покрај друштвaта со  хорови, негувањето на фолклорот, велешката чалгија завземала доминантно место. Сите овие активности биле основни елементи кои придонеле во раѓањето на мислата и не случајно во Велес центарот на македонската култура  да се формира  првото Основно Музичко Училиште во Република Македонија.

По долги подготовки на 21-ти ноември 1946 година бил донесен документ да се формира нижа музичка школа- прво отворено Музичко  училиште од ваков вид во Република Македонија.

Музичко училиште под името „Киро Димов“ работело од ноември 1945 година, за званично да биде верифицирано 21  ноември 1946 година кога бил донесен и документ да се формира нижа музичка школа која  воедно е прво  отворено музичко училиште во Македонија.

На седница на Советот на Општина Велес  од мај 2010 година училиштето од ООМУ „Киро Димов“ е преименувано во ООМУ „Стефан Гајдов“.

Стефан Гајдов  (роден во Велес, 8 јуни 1905 - Скопје, почина на 17 јули 1992), композитор, диригент и педагог од првата генерација македонски музички дејци.

Музичкото училиште во Велес првично се наоѓало во куќа на Цвета Речкова над Стар мост , а на која и денеска стои спомен плоча во знак на сеќавање дека токму тука започнало музичкото образование во Велес и Македонија.

 	muzicko

Потоа Музичкото училиште според нашите истражувања,а според кажувањата од ученици кои во него учеле меѓу кои и музичарот Кире Вангелов од Велес, Музичкото училиште потоа било префрлено во куќа крај Вардар непосредно до денешната зграда на Епархијата Повардарска, а потоа било пренесено во куќа во строгиот центар на Велес,

Зградата која училиштето ја и денеска ја  користи е изградена во 1936 година, за подоцна во 1972 година да биде преадаптирана во музичко училиште каде работи и ден денес. Училиштето е тврда градба со приземје и два ката, а опфаќа површина од 460 м2 и дворно место 374м2 со целосна површина на зградата 834м2. Расположливи простории во учлишната зграда се единаесет  кабинети, три канцеларии, една  работилница и  санитарии.

Од иницијатива до формирање  на прво музичко училиште

Според пишувањето на Кочо Данов, еден од тројцата иницијатори за формирање на музичкото училиште , а што  тој го запишал во статија насловена „Ќе направиме чколо“ а како дел од публикацијата „Еден век музички живот“ ви пренесуваме делови од негови сеќевања за тоа како е формирано училиштето.

„Нашиот град Велес-отсекогаш бил на прво место во остварувањето на народните идеали и култура-град во кој отсекогаш се негувала музиката.Со овие зборови започнало писмото што тројцата иницијатори Стојан Алчев и Петре Поповски-тогаш професори  по музика во велешката гимназија и Кочо Данов –тогаш студент по право и раководител на Управата на народни имоти го испратиле до Градскиот народен одбор во Велес од 31 октомври 1945 година“.

- Уште не беа стивнати пукотниците од борбите за целосно ослободување на земјата, а во Велес созреа мислата за ваков потфат, пишува Данов во својата статија и понатаму појаснува.

„Некаде во пролетта 1945 година во мојата канцеларија дојде Стојан Алчев професор по музика во велешката гимназија кој бидејќи беше слеп,го водеше неговата ќеркичка Дара-која подоцна стана корепетитор во Операта во Скопје.Откако се претстави ми ја кажа и целта  на неговата посета.Започнал да обучува деца да свират на пијано.Од разбирливи причини тоа не можел да го прави во гимназијата,па обучувањето го изведувал во својот дом на сопственото пијано.Посебно ме изненади што во такво време веднаш по ослободувањето на Велес,има деца кои сакаат да свират на пијано,инструмент скап и недостапен за џебот на нивните родители.Уште повеќе ме изненади кога ми рече дека меѓу децата и родителите имало многу голем интерес, а  одошто тој можел да ги задоволи сите нив со потребата за музицирање.За несреќа, му пукнала штим штицата на неговото пијанино. Во тоа време не можело ни да се помисли да се најде друга и да му се  поправи пијаниното.Тој разбрал дека во магацинот на Управата на народните имоти имало стари пијана,па замолил од некои да извадат штим –штица за неговото пијано.Ако не може да му се одобри да ја плати,тој ќе ја врати штом ќе биде во можност да најде друга,или ако Управата тоа го побара.

Разочарувањето кај него беше големо кога му реков дека тоа не е можно затоа што такво пијано што може да се расходува нема во магацинот. Но јас воодушевен од она што го чув - дека голема е заинтересираноста на деца во Велес  да учат свирење на пијано,му предложив нешто друго,да му дадам на привремена употреба пијано кое со мали средства може да се оспособи за употреба.Професорот беше пресреќен од ова предложено  решение и ние се  договоривме  за два - три дена штом ќе обезбедам превоз да му го испратам пијаниното дома.

 	muzicko-3

Додека  професорот излегуваше од канцеларијата и по столбовите слегнуваше  на долниот кат мене во главата ми се вртеа разни мисли.Во магацинот стојат уште три пијана                                                                                                            и во лошите услови секојдневно  пропаѓаат.Затоа потрчав кон столбовите и го замолив професорот да се врати.

- Професоре, имам еден предлог. Со едно пијано ќе ги задоволите најмалиот можен број на  заинтересирани деца. Што ќе правите ако ви предложам  да ги земете сите четири пијана што ги има во магацинот. Стојан Алчев беше човек кој умееше да се радува,подоцна во текот на нашето пријателствување го видов тоа повеќепати.Тогаш кога го слушна мојот предлог,по малку збунет застана,потем речиси подрипна  и раздрагано извика „Чколо,па тогаш ќе направиме чколо“... И весело се насмеа.Чиниш смеата не ќе престане.

Уште повеќе не можам да го опишам воодушевувањето и радоста што го обзема овој добар и несебичен човек педагог,целиот предаден за ширење на музичкото образование, кога му реков дека тогаш може да ги земе и сите гудачки и дувачки инструменти што ги има во магацинот.

„Чколо,токму чколо ќе биде...веднаш ќе отидам кај колегата Петре Поповски знам ќе прифати да ја води класата за гудачки инструменти. Ќе отидам веднаш и кај поранешниот диригент на војната музика Иван Николовски-Танго кој ќе ги води дувачите. Ви велам ќе биде тоа чколо“.

Данов ќе забележи дека сите тие дале согласност ,а во неговата работа набргу се вклучила и Неда Ѓорѓевиќ поранешен професор во Белградското музичко училиште „Мокрањац“ која со својот сопруг-лекар во тоа време се преселила да живее во Велес.   

Со намерите за создавање на музичко училиште најпрво требаше да се запознае месната народна власт, а Градскиот народен одбор требаше да даде согласност како и да го реши проблемот за  да даде објект во кој ќе го сместиме училиштето.Во текот на декември 1945 година една куќа  во близина над Стар мост во Велес беше ослободена од станарите.Во неа беа сместени сите инструменти и пијана, а уредена беше  една канцеларија за директорот и администрацијата и на 15 јануари 1946 година училиштето почна со својата редовна работа.

  	muizicko-5

Како што потоа се присетува Данов,тој во септември 1946 година  заминал во Белград заради продолжување на студиите.Некаде во октомврти добил телеграма од Стојан Алчев, иницијаторот музичар и прв директор на првото музичко училиште во Велес и Македонија,а во која тој го известува  дека сонот е остварен.Имено со актот бр.6027 од 21 ноември 1946 година Министерството за просвета на НРМ го прогласило Основното музичко училиште  во Велес за редовно училиште.

Во музичкото училиште во Велес се школувале познати музичари и музички дејци

Во ООМУ „Стефан Гајдов“  во Велес се школуваат ученици од целата општина, како и од соседните општини кои граничат со општина Велес.

Во училиштето во изминатите 71 години  со основно музичко образование се стекнале  повеке од 4 илјади ученици.

Во изминатите децении и  денес многу од нив професионално се определиле за музичка уметност: како диригенти, солисти, професори и репродуктивни уметници кои даваат огромен придонес за ширење на музичката култура,а кои работеле  и работат во Велес,Скопје,а  дел од нив  и во Белград,Загреб и Љубљана и во многу земји во Европа и светот како Австрија,Германија,Шпанија,Шведска, САД, и други земји во светот.

Меѓу познатите музички дејци,музичари,диригенти, педагози од 1945 година до денес  се: Стојан Алчев,Лидија Алчева,Даринка Алчева,флејтистот Никола Атанасов,виолинистот Кирил Вангелов,Костадин  Кирков кој бил концерт мајстор во Бонската Филхармонија,Иван Николовски-Танго флејтист прв наставник по дувачки инструменти,апретходни и диригент на Воениот оркестар, познатиот Живко Фирфов,Данка Фирфова,Кирил Спировски,Петре Пренџов виолинист во Љубљанската филхармонија,Илија Попов кој работел во Словенечката филхармонија во Љубљана.Ангел Шурев              диригент во Македонската опера и балет,а потоа и                                             Белградската опера,Костадин Кирков виолинист во Бонската филхармонија во Германија,Кирил Спасевски  и многу други.

 Од помладите кои сѐ уште музицираат се : Костадин Богдановски - виолинист кој работи како концерт мајстор на Операта во Барселона,неговата сестра Фросина Богдановска кој по работата во повеќе музички центри сега  работи  во Виена во оркестарот  на Австриското радио,Благој Ламјов- кларинетист кој по Шведска работел и во други европски земји и во САД,Илија Настовски пијанист врвен уметник кој работи во ООМУ „Стефан Гајдов“ и уште многу други врвни музичари кои работат во земјава и светот,а своите музички почетоци ги направиле токму во првото музичко училиште во Велес.

Музичкото училиште  во Велес добитник на голем број награди и признанија

Во разговорот за МИА, Благој Каракачанов директорот и професор по виолончело, потсетува дека  музичкото  училиште во Велес  во изминатите 71 година има добиено голем број на награди, признанија и пофалници на домашни и меѓународни натпревари,   како и на  9-тто Ноемвриска плакета на град Велес во 1974   и 2012 година.

 	muzicko-1.

Во изминатата учебна 2015/2016 година, ученици од ова  училиште учествуваа на многубројни меѓународни натпревари и од сите се вратија со освоени највисоки први награди,како и со пофалници.

 - Во изминатата учебна година  имаме најмногу - рекордни над 80 награди на меѓународни музички натпревари,плус на оваа бројка треба да се додадат и  бројните награди и признанија кои ги освоија нашите ученици  на државните напревари.Со овие врвни резултати сме едно од најдобрите музички училишта во Македонија и пошироко,потенцира Каракачанов.

Воедно Каракачанов  информира дека имаат  освоено награди и во Италија,Бугарија,соседна Србија и бројни музички натпревари  во земјава каде редовно се враќаат со највисоките први места по пијано,виолина,кларинет и други инструменти.Учениците под менторство на врвни музички педагози на пијано,виолина,виолончело,кларинет,флејта и класична гитара деновиве се подготвуваат за традиционачниот Новогодишен свечен концерт.Воедно континуирано  секојдневно  се подготвуваат  и за следни музички меѓународни и државни натпревари, а меѓу кои за првпат и во Босна и Херцеговина и други земји.