Балкан
7. May 2021 - 16:19

Онјалн состанок на Дачиќ со претставници на ЕП за изборните услови во Србија

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ денеска онлајн разговараше со европската четворка која посредува во меѓупартискиот дијалог меѓу власта и опозицијата, за подобрување на изборните услови во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

На состанокот присуствуваа европратениците Тања Фајон и Владимир Билчик, како и поранешните пратеници Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, а Дачиќ од друга страна со соработниците од Парламентот.

– Средбата со европратениците се одвиваше во работна атмосфера, изјави Дачиќ, по консултациите со европската четворка, која претходните денови имаше средби со дел од опозицијата.

Како што изјави, тие го информирале за пораките што ги слушнале, но и тој исто така ги информирал за текот на разговорите со оние партии кои не ја сакаат странската медијација.

Дачиќ инсистира на тоа дека покровител на дијалогот е Собранието на Србија, каде тој е претседател, а европратениците, како што рече, „само помагаат“.

Говорејќи за следните чекори, Дачиќ посочи дека претставниците на ЕП во наредните денови ќе разговараат со премиерката Ана Брнабиќ и со работната група на Владата на Србија за соработка со ОБСЕ и ОДИХР, предводена од Дејан Ѓурѓевиќ, која работи на спроведување на препораките на ОДИХР по минатите избори. – Тие ќе разговараат и со граѓанските организации, како и со претставници на членките на ЕУ, додаде Дачиќ.

– Се обврзав да им ги испратам платформите на сите политички партии, вклучувајќи ги и оние кои не го сакаат посредувањето на ЕП, чисто да бидат меѓусебно информирани. И она што е парадокс, ги замолив да ми ги испратат платформите на (Драган) Ѓилас и (Вук) Јеремиќ затоа што тие не се испратени до нас, туку беа презентирани во Европскиот парламент, рече Дачиќ.

Според него, договорено е до крајот на мај повторно онлајн да се состане со европратениците, со очекување дека тие во јуни ќе се состанат во Белград.