Македонија
2. August 2015 - 18:02

ОМД: Македонија да стане модел за демократија

Визијата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) е Македонија да биде модел за демократија, што сите други држави во регионот ќе се стремат да го достигнат. Сите политички лидери да ги тргнат на страна нивните разлики и да ги стават во преден план иднината на државата и на македонските државјани, се вели во изјавата на организацијата на Македонците од дијаспората по повод националниот празник, 2 Август.

- ОМД верува дека Илинденското востание служи како постојан потсетник за секој Македонец, независно од тоа каде се наоѓа во светот, за маките, страдањата и посветеноста на нашите предци да се изборат за суверена и независна Република Македонија. Додека го славиме Илинден, од голема важност е да се потсетиме и на идеите врз кои е основана Република Македонија - татковина на Македонците, нација составена од различни култури и религиски групи, и држава што ќе биде совршен пример за демократијата во Југоисточна Европа. Визијата на ОМД е Македонија да биде модел за демократија, што сите други држави во регионот ќе се стремат да го достигнат, се вели во пишаната изјава од ОМД по повод националниот празник на Македонија

Од ОМД посочуваат дека во, но и вон-Македонија, постојат луѓе и групи кои со нивните етноцентрички интереси и убедувања се обидуваат да сoздадат раздор и го нарушуваат угледот на државата.

- Но, во овие важни времиња, ние Македонците и пријателите на Македонија, стоиме заедно и сме сплотени повеќе од кога било, со една и единствена цел - да го одржиме и усовршиме она за кое се бореле илинденските револуционери и сите по нив, а тоа е бескомпромисно демократска и суверена Република Македонија,стои во пишаната изјава. 

ОМД, се наведува, верува дека неодамнешниот договор меѓу главните политички партии во Македонија, иако сам по себе не претставува решение на проблемот, е чекор во позитивна насока, дека ќе го подигне нивото на дискусија меѓу политичките субјекти и дека ќе помогне во процесот на градење просперитетна иднина која ги вклучува сите Македонци.

- ОМД ги повикува сите политички лидери во Македонија да ги тргнат на страна нивните разлики и да ги стават во преден план иднината на државата и на македонските државјани. Нашите предци си ги имаат дадено животите во борбата за нивниот сон, нивната татковина да се нарекува Македонија, да стане јаве. Политичките лидери во Македонија мора да работат, да ја вратат довербата кај граѓаните и да ја поправат моменталната ситуација што ја има нарушено сликата за Македонија во меѓународната арена. ОМД е спремна да работи со политичките субјекти во Македонија во процесот на зајакнување на државата и нејзино враќање на траекторијата кон политичка и социо-економска стабилност. ОМД е спремна да работи со политичките субјекти во Македонија, со цел Македонија повторно да стане позитивен пример во Југоисточна Европа, се посочува во пораката од ОМД по повод празнувањето на двата Илиндена - 112-годишнината од Илинденското востание и 71 година од АСНОМ.