Македонија
20. November 2019 - 16:42

Омбудсманот ќе го проверува третманот од притворските власти кон Боки 13 во Шутка

Народниот правобранител ќе го испитува третманот на Боки 13-ка во затворот во Шутка. По тврдењата на неговиот адвокат дека здравствената состојба му е влошена и животот загрозен, тим од кај омбудсманот ќе влезе во истражниот затвор Скопје. За ова веќе разговарале со директорот на установата.

-Договорено е екипа на Народниот правобранител да го посети затворот да ја соберат целокупната документација како и одлуките на судиите. Откако ќе го проучиме целото тоа ќе упатиме став до затворот, изјави Иџет Мемети, Народен правобранител.

Денеска вонреден инспекциски надзор во амбулантата во затворот во Шутка врши и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тие испитуваат како постапувале лекарите и дали е испочитуван протоколот во третманот на притворениот Бојан Јовановски.

Во меѓувреме Клиниката за Гастро ги демантираше тврдењата на адвокатот на Боки 13-ка дека не сакале да го прегледаат и го омаловажувале. Од Установата тврдат дека притворениот Јовановски пред 2 дена не се појавил на закажаниот термин да направат подготовка за колоноскопија.

-Адвокатот, го има наодот од прегледот, проценка е дека е потребно да се направи колоноскопија, што кај најголем број пациенти се прави во амбулантски услови. Со образложение дека во притвор нема услови за прочистување, адвокатот на Б.Ј. бара тоа да биде направено во хоспитални услови, за што одлучува Судот, стои во демантот од Клиниката за гастроентерохепатологија на обвинувањата на бранителот на Боки-13 дека состојбата му е животозагрозувачка и има документи за хоспитализација.

Според информации на Сител оваа дијагностичка процедура на Јовановски деновиве ќе му биде направена во ГОБ 8 септември.