Македонија
3. December 2020 - 11:25

Омбудсман: Не сeкој вид на попреченост е видлива, ниту се видливи сите бариери кои ги оневозможуваат овие лица целосно да ги уживаат правата

 Почитувањето на различноста на лицата со попреченост е од особено значење, исто како и свесноста дека не сeкој вид на попреченост е видлива, ниту се видливи сите бариери во општеството кои ги оневозможуваат овие лица целосно да ги уживаат правата, вели народниот правобранител Иџет Мемети по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Нивната ранливост, како што посочува, особено доаѓа до израз во услови кога пристапот до здравствени, образовни и социјални услуги е значајно отежнат, како што е во случајот со пандемијата од Ковид 19.

-Денес, кога се навршуваат 28 години од денот кога Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 3 декември за Меѓународен ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител како институција која веќе 22 години посветено дејствува на полето на заштита на човековите права и слободи на лицата со попреченост, потсетува на обврската за обезбедување услови и создавање можности за што поголема промоција, заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост, и нивно активно вклучување, со цел активен придонес во создавањето на инклузивно општество, пишува народниот правобранител.

Фактот дека 15 проценти од светската популација или повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со попреченост, налага, како што истакнува народниот правобранител,  неминовна потреба од поголем фокус на сите чинители кон промени на перспективите на попреченоста и примена на соодветен пристап низ призмата на човековите права. Додава дека само на таков начин ќе бидат видливи заложбите и ефектите од мерките за надминување на стереотипите и предрасудите кон овие лица.

– Сакам да укажам дека овие граѓани се позасегнати, поризични и поранливи, како на самиот вирус, така и од последиците на економски, социјален и секаков друг аспект кој истиот неминовно ги носи со себе, а тоа не обврзува како општество сериозно да им посветиме внимание и да ги елиминираме препреките за еднакви можности и целосно уживање на нивните основни човекови права, вели Мемети.

Свесни сме, посочува омбудсманот, дека предизвиците се системски и долготрајни, и дека има потреба од зајaканување на лицата со попреченост, подигање на свесноста за правата кои ги имаат, па во таа насока мораме заеднички да дејствуваме со лицата со попреченост, со нивните претставници и организации давајќи им можност на потенцијалите на овие наши граѓани.

-Со искрени очекувања дека заеднички ќе успееме да ги придвижиме работите кон подобро, на начин како што тоа го налага Конвенцијата за правата на лицата со попреченост апелирам за поголема проактивност на властите во заложбите за овозможување на подобра иднина, но и пристапен и одржлив свет за лицата со попреченост, сега, но и по Ковид-19, истакнува народниот правобранител по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.