Македонија
16. јуни 2021 - 16:58

Олабавувањето на рестриктивните мерки не носи промени за работата на градинките

Состојбата во градинките е стабилна, но засега нема враќање на сите запишани деца и укинување на протоколите. Изминатиов период немало нови случаи на деца позитивни на корона вирусот додека кај вработените имало само еден позитивен. Сепак министерката Шахпаска вели дека само ако состојбата и натаму е стабилна како сега,  може да се размислува за комплетно отворање.

-Претпазливо одиме во целиот овој процес бидејќи се работи за најмладите и ќе правиме проценка кога би можеле да ги отвориме групите комплетно како во претходниот период. Она за кое имаше измена во протоколите е за време на годишните одмори да можат да се спојуваат децата од 2 до 6 години во иста група за да можат вработените да ги користат одморите, рече министерката Шахпаска по отворањето на нова детска градинка во Шуто Оризари.

Од труд не откриваат колку деца се на листата на чекање за прием во градинките, ниту пак колку од нив иако се запишани и редовно плаќаат не можат да ги посетуваат установите поради ограничениот број. Велат дека општините се тие кои имаат обврска да изнајдат дополнително решение за просторен капацитет за формирање на дополнителни групи, со цел да им се излезе во пресрет на родителите и на децата.

И додека се размислува кога градинките целосно ќе ги отворат вратите за најмалите, олабавени се речиси сите останати  рестриктивни мерки. Владата го укина полицискиот час и ограниченото работно време на угостителските објекти. Нема веќе броење на гости на свадба и  почнуваат со работа ноќните клубови и дискотеки. Дозволено е и организирање на настани на отворено со капацитет до 1 000 лица.