Македонија
28. August 2017 - 12:59

Околу 60 ученици сместени во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово

Шеесетина ученици од селата од Кумановско и од општините Кратово, Крива Паланка и Старо Нагоричане се запишани во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово, информираат од образовната установа.

- Јавната установа е подготвена за почеток на учебната година за прием и сместување на учениците кои одбрале да учат во една од насоките на петте средни училишта во градот, објаснуваат надлежните.

- Бројот на ученици секоја година се намалува, како во средните училишта, така што тоа се рефлектира и кај нас. Дополнително, дел од учениците одлучуваат да останат и дома бидејќи се воведени автобуски линии од одредени населени места до средните училишта, директорот на ученичкиот дом Љубица Павловски.

Учениците кои се запишале во првиот и вториот уписен рок ќе се сместат на почетокот на учебната година.

- Како воспитно-образовна установа, согласно правилата на интернатот овозможуваме постојана помош за образованието на учениците. Анагажираме и професори за дополнителна настава по одредени предмети за кои учениците покажуваат потреба во текот на учебната година, изјави Павловски.

Според надлежните, условите за изведување настава и домување ги задовуваат потребите на учениците. Интернатот располага со библиотека, кабинети и простор за рекреација.

- Учениците се под постојан надзор на воспитувачите. Освен за учење, интернатот нуди и можност за воннаставни и спортски активности, додаде Павловски.

Сместувањето на учениците во ученичкиот дом го финансира Министерството за образование и наука. Проектираниот капацитет на „Професор Мијалковиќ“ во Куманово е 120 ученици.