Македонија
4. September 2017 - 15:53

Околу 5200 основци ја почнаа новата учебна година во општина Кисела Вода

Во осумте основни училишта во општина Кисела Вода за околу 5.200 ученици денеска почна новата учебна година. Првпат во училишните клупи седнаа 616 првачиња.

Честитајќи им го почетокот на новата учебна година, од општина Кисела Вода истакнуваат дека во изминатиот период реализирани се повеќе проекти со кои се обезбедени подобри услови за учениците. 

Во соопштението од општината се посочува дека основците од ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ добиле нов училишен објект и енергетски обновена спортска сала, а изграден е и нов училишен објект за ООУ „Рајко Жинзифов  симбол на кинеско - македонското пријателство“, во кое се започнати градежните активности за изградба на нова училишна спортска сала. Целосно е реновирано централното основно училиште „Круме Кепески”, реновирано е подрачното основно училиште „Круме Кепески” во Припор и отворена е првата детска градинка „Стапалче“ во Припор. Темелна реконструкција е извршена и во Подрачното основно училиште „Кузман Јосифовски Питу” во населбата Црниче, каде е изградено и повеќенаменско игралиште, а реконструкција е извршена и во ООУ „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево.

За поголема безбедност на учениците извршено е и повторно обележување на пешачките премини пред училиштата и градинките.