Македонија
14. September 2015 - 14:44

Околу 4.000 градежни работници поминале обуки за енергетска ефикасност

Градежните работници (фасадери, кровопокривачи, столари и инсталатери) кои имаат неформални познавања или практично искуство од областа на енергетската ефикасност, но не и сертификат, до крајот на октомври можат да аплицираат на повикот за препознавање на нивните вештини, објавен во рамки на проектот Build up skills.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, на повикот може да се јават и работници кои претходно посетувале обуки за енергетска ефикасност и веќе стекнале сертификат.

Досега аплицирале околу 100 или 10 отсто од предвидените 1.000 кандидати.

Системот на препознавање (верификација), односно утврдување дали градежниот работник навистина има познавања од областа на енергетската ефикасност, го креираше Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ врз основа на соодветен ИСО стандард.

Тоа подразбира дека секој кандидат што ќе ја помине проверката, ќе добие сертификат признат во Македонија, Хрватска, Словенија и Грција, како и во сите земји што се дел од ЕУ иницијативата Build up skills, а тоа се останатите 27 европски држави. Со тоа ќе стане и поконкурентен.

- Ги поттикнуваме градежните компании да ги пријават своите работници за стекнување сертификат што ќе потврди дека се обучени да ги применуваат принципите на енергетската ефикасност, истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Според Ристо Иванов од здружението на бизнис консултанти „Креација“, околу 4.000 македонски работници во последните три до четири години поминале низ некакви форми на обука за енергетска ефикасност. Се очекува, половина од нив да се пријават на повикот за препознавање.

- Со проверките на знаењата и вештините нема да се чека до крајниот рок на повикот, 30 октомври, туку процесот на препознавање ќе почнува секои десет дена, ако има доволно пријавени кандидати, објасни Иванов.

Проверката на знаењето на работниците ќе го вршат 20 инструктори. Препознавањето треба да заврши до декември годинава кога би биле организирани и пет обуки за оние што ќе се оцени дека не можат да го поминат процесот. - Тие обуки, за кои се ангажирани 200 тренери, се влезени во програмата на Агенцијата за вработување како пилот проект за обука на работници за енергетска ефикасност, посочи Иванов.

На повикот градежните работници може да аплицираат сами или да бидат пријавени од компанијата каде што се ангажирани.