Свет
30. November 2016 - 8:48

Околу 20.000 лица го напуштиле источно Алепо изминатите три дена

Околу 20 илјади лица избегале од источниот дел на Алепо изминатите три дена, соопшти синоќа во Женева портпаролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Криста Армстронг.

Таа нагласи дека бројката не е прецизна и додаде дека луѓето бегаат во различни насоки за да се спасат од жестоките судири. 

Заменик-генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања Стивен О’Брајан вчера изутрината изјави дека 16 илјади жители го напуштиле источниот дел на Алепо.

Црвениот крст соопшти дека ќе продолжи да биде во состојба на готовност да го организира евакуирањето на болните и ранетите лица и побара да се обезбеди безбеден коридор за извлекување на цивилите. 

- Над 5.600 цивили, меѓу кои 2.500 деца, беа евакуирани од региони во Алепо, кои се под контрола на бунтовниците, во соработка со рускиот Центар за помирување, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков. 

На иницијатива на Франција Советот за безбедност на ОН свика изутринава во Њујорк итна седница за критичната ситуација во источно Алепо. Состанокот ќе се одржи веднаш по седницата посветена на резолуцијата за зајакнување на санкциите против Северна Кореја, планирана за девет часот по локално време.