Македонија
12. September 2015 - 18:11

Околу 170 милиони денари за патната инфраструктура во општина Тетово

Околу 170 милиони денари во 2015-та и во првата половина од 2016 година ќе бидат потрошени за предвидените проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Тетово, информираше денеска на прес-конфренција градоначалничката Теута Арифи. Таа  посочи дека проектите се однесуваат на целосна реконструкција на улиците во градот, како и во приградските и руралните зони во општина Тетово.

- Зафатите во градското подрачје предвидуваат целосна реконструкција на три улици и инвестиција од вкупно 47 милиони денари обезбедени од општинскиот буџет. Работите веќе започнаа на ул.„Индустриска” од кружниот тек со булеварот „Илирија” се до близина на компанијата „Еколог”. Веќе е завршена постапката за јавна набавка и работите ќе почнат на ул.„Иво Лола Рибар”, односно делот од старата градска библиотека до музичкото училиште. Последниот зафат е целосна реконструкција на улицата „172” која ги поврзува селата Мала Речица и Голема Речица со градот Тетово. Градежните зафати на оваа улица се очекува да започнат наредните денови, рече Арифи.

Таа информираше дека за 2016 година општина Тетово аплицирала и на јавниот повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој со три проекти: инфраструктурeн проект за средување на патот кон Бањиче, проект за изработка на урбанистички планови за населените места Голема Речица, Мала Речица, Порој и Џепчиште и проект за довршување на останатиот дел на локалниот пат Шипковица - Бродец.

- За овие три проекти веќе e обезбедено финансиско покривање во износ од 70 милиони денари од страна на Агенцијата за рурален развој, како и 52 милиони денари кофинансирање од сопствениот буџет на општина Тетово. Очекуваме до крајот на оваа година да заврши и постапката за набавка по што ќе се изврши избор на компании кои ќе ги спроведат градежните активности. Се очекува тие да се спроведат со почетокот на градежната сезона, односно пролетта 2016 година, изјави Арифи.

Според неа, локалната власт во Тетово знае дека инвестициите во патната мрежа се предуслов за одржлив социоекономски развој поради што и во наредниот период општината силно ќе се залага и ќе иницира реални проекти за подобрување на патната инфраструктура, што директно влијае во подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните.