Македонија
12. November 2018 - 10:56

ОЈО Прилеп поведе истрага за едно лице кое неовластено произведувало дрога за продажба

ОЈО Прилеп поведе истрага за 44-годишен прилепчанец за неовластено производство дрога за продажба, а судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп му  определи мерка притвор во траење до 30 дена.

Надлежен јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против  едно лице на возраст од 44 години, поради постоење основано сомневање дека сторил продолжено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
 
Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничениот на ден 9-ти овој месец во неговиот дом во Прилеп, неовластено заради продажба чувал 491 грама наркотична дрога марихуана, спакувана во десет ПВЦ опаковки, и 14 мл. смолеста материја – наркотична дрога хашиш. Лицето кое се гони од страна на обвинителството чувало и опрема за подготовка на наркотична дрога хашиш и семенски материјал во вкупна маса од 1,78 гр. од растениото Cannabis Sativa за кои знаело дека се наменети за производство на наркотични дроги.
 
Предметите, како што соопшти Јавното обвинителство, биле пронајдени од службени лица на Полициска станица Прилеп при извршен претрес во домот на осомничениот, врз основа на наредба издадена од Основниот суд Прилеп.
 
– Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па достави предлог за определување мерка притвор, што беше прифатен од судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп, кој со решение на обвинетиот му  определи мерка притвор во траење до 30 дена, велат од Обвинителството.