Македонија
10. March 2018 - 11:24

ОЈО постапува по случајот за уапсениот советник на Спасовски

Основното јавно обвинителство - Скопје дава насоки и постапува по предметот за уапсениот функционер на Министерството за внатрешни работи, со иницијали Д.С., кој се сомничи за злоупотреба на службената должност.

Се очекува во текот на денов Јавното обвинителство да излезе со повеќе информации за случајот.

Од Министерството за внатрешни работи засега не кажуваат новини за приведувањето на нивниот функционер Д.С., вработен во кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

По налог на Основното јавно обвинителство Д.С. вчера попладне беше приведен во полициската станица Кисела Вода, под сомнение за сторено  кривично дело по член 353 од Кривичниот законик „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Дел од медиумите неофицијално објавија дека Д.С., бил уапсен за мито.

- Ако се случило незаконско работење, тука нема реконструкција, тука има кривични пријави и истраги пред обвинителството, изјави неодамна  премиерот Зоран Заев.

Посочи дека се прави преглед на сите резултати и активности во последните 10 до 12 месеци.

Според него, од прегледот треба да се види задоволството од работата на новата Влада од страна на граѓаните. Заев тогаш кажа дека очекува граѓаните да дадат свој коментгар за луѓето кои се поставени на високи и одговорни извршни функции.