Македонија
31. July 2019 - 16:22

ОЈО нема информации кој и зошто го форматирал мобилниот телефон на Катица Јанева, но истражува дали биле избришани докази

Вториот мобилен телефон на Катица Јанева е празен. Обвинителствотo за гонење на организиран криминал потврдува дека вештачењето на телефонот кој беше пронајден кај девојката на синот на Јанева е форматиран и во него нема никакви докази.

Сепак обвинителката Рускоска во разговор за Сител вели дека ова не значи дека се бришени докази поврзани со предметот, но дека истрагата ќе превзема и други чекори за да се утврди што се имало во телефонот пред да биде форматиран. Детали не се откриваат ниту од вештачењето на првиот телефон на Јанева. Рускоска вели дека истрага Рекет продолжува и покрај тоа што од утре ќе го користи годишниот одмор.

Новинарот Бранко Геровски во нова колумна вчера со случајот Рекет директно ја поврза и невладината Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски, како организација која се користела за уцени и рекетирање на приватни компании, но и организација која требала да добие финансиска помош и од Влада за изградба на домови за стари лица.

Премиерот Заев денеска потврди дека средба со Јовановски имал, но дека на овој состанок разговарале за поширока владина стратегија за изградба на вакви домови.

Поврзаност со проектот за изградба на домови за стари лица негира и градоначаникот на општина Карпош Стефан Богоев, кој изминатата недела беше повикан во обвинителството да даде исказ за истрагата Рекет. Повеќе детали не открива.

Две недели откако обвинителството ја отвори истрагата Рекет опозицициската партија бара нејзино проширување и со други лица од како што вели највиското партиско раководство на СДСМ.

Засега со истрагата Рекет опфатени се Боки 13 и Зоки Кичеец, осомничени дека добиле 1,5 милиони евра од скопски бизнисмен за олеснување на поскатапка која ја води СЈО. Истрагата треба да даде одговори дали во оваа афера биле вмешани и други лица.