Македонија
12. September 2018 - 16:54

ОЈО ги истражува злоупотребите на системот за автоматска распределба на судските предмети

Со исказ на неколкумина ќе продолжи истрагата за злоупотреба на електронскиот систем за распределба на судски предмети.. Основното јавно обвинителство открива оти веќе се испратени покани до неколку лица кои треба да сведочат за наводите дека АКМИС системот не одлучувал за подлебата на предметите.. Не се открива колку лица и од каков профил ќе седнат пред надлежниот јавен обвинител кој постапува по предметот но во јавноста се шпекулира со имињата на поранешниот претседател на Скопскиот кривичен суд и Претседателот на Врховниот суд.. Во телефонски разговор за Сител, Владимир Панчевски вели дека до сега не е повикан во обвинителството, но доколку добие покана ќе го даде својот исказ за случајот.. Претседателот на врховниот суд, Јово Вангеловски во краткиот разговор објасни дека е на состанок и не може да говори, но претходно медиумите објавија дека и тој не добил покана..

Од Основното јавно обвинителство велат дека има континуирани дејствија за расчистување на предметот и утврдувањето факти.. Податоци се бараат од Судскиот совет и специјалното јавно обвинителство..

„Во текот на минатата недела, двајцата надлежни јавни обвинители кои постапуваат во предметот заедно со стручни соработници вршеле непосреден увид во кривичните предмети во Основниот суд Скопје 1, како и во системот за нивно заведување заради утврдување евентуални неправивилности“, се вели во известувањето од обвинителството..

Инаку обвинителството отвори предмет за злоупотреби на системот АКМИС по извештајот изготвен од Министерството за правда според кој биле откриени низа неправилности во системот за распределба на судските предмети.. Често се менувал годишниот распоред за работа на судиите, кривични предмети ги работеле судии од граѓанскиот оддел, предмети се делеле на рака.. Според изготвениот извештај, за над 800 предмети никогаш не почнала судска постапка..