Македонија
11. August 2016 - 14:26

ОJO Гевгелија со обвинителен предлог против две лица за сообраќајката кај Удово

Обвинителен предлог против две лица за сообраќаната несреќа која се случи пред осум дена кај Удово во која загинаа 41-годишниот Н.П. и неговата сопруга 32-годишната Б.П, достави Основното јавно обвинителство - Гевгелија до Основниот суд во Гевгелија.

Како што соопштија од ОЈО обвинетите се товарат за предизвикување на тешка сообраќајна несреќа кај месноста Света Петка, на магистралниот пат Демир Капија – Удово, што се случи на 3 август оваа година.

До несреќата дојде кога се судрија автомобил марка Ауди А4 со германски регистарски таблички, управуван од српскиот државјанин 46-годишниот Д.С., автобус на „Струмица експрес“, управуван од 60-годишниот Ѓ.В. и автомобил марка Фиат сеиченто со скопски регистарски таблички, управуван Н.П.

Во несреќата загинаа возачот на автомобилот Фиат сеиченто и неговата сопруга, додека нивниот седумгодишен син беше потешко повреден. Повредена беше и сопатничката во аудито, германска државјанка.

Според обвинителниот предлог, првообвинетиот, српскиот државјанин Д.С. се товари дека не се придржувал кон прописите на Законот за безбедност во сообраќајот и со брзина поголема од дозволената, презел дејствие претекнување на место на кое тоа не е дозволено, па преминал во спротивна коловозна лента.

-Второобвинетиот, македонскиот државјанин Ѓ.В., обвинението го товари дека исто така во критичниот момент се движел со брзина поголема од дозволената. Во обид да избегне директен судир со првообвинетиот тој најпрвин автобусот го насочил кон десно и подзапрел. Откако забележал дека првообвинетиот не се враќа во својата коловозна лента, истиот забрзал и го насочил автобусот кон лево, при што сепак дошло до судир меѓу двете возила. По ударот возилото Ауди се изротирало и удрило во бетонски рабник покрај патот. Во критичниот момент, автобусот не успеал да се врати во својата коловозна лента ниту да запре и удрил во возилото на оштетениот Н.П., кој прописно се движел по коловозот, се истакнува во соопштението.

Според ОЈО обвинителниот предлог е заснован на вештачењето на трагите и материјалните докази пронајдени на лице место, како и на исказите дадени од сослушаните лица учесници во сообраќајната несреќа и очевидци.

Заедно со обвинението, Основното јавно обвинителство - Гевгелија за Д.С. до судот доставило и Предлог за продолжување на мерката – притвор, додека за Ѓ.В. доставиле Предлог за продолжување на времетраењето на определените мерки за претпазливост.