Македонија
27. September 2018 - 16:22

ОЈО будно го следи референдумскиот процес - амбасадата на САД препорача да се избегнуваат места на кои се можни протести

Кумановското јавно обвинителство постапува по една пријава за поткуп на гласачи во пресрет на референдумот, поднесена од политичка партија.

Состојбата на терен ја следат обвинители од цела Македонија, а евентуални нерегуларности граѓаните и политичките партии ќе можат да пријавуваат и електронски. На 30 септември, редовни и вонредни тимови на обвинителството  ќе го следат гласањето на терен.

Во пресрет на референдумот, атмосферата на терен во однос на нерегуларности и кривични дела е мирна, а од Обвинителството се надеваат дека така ќе остане и во недела на денот на гласање, вели обвинителот Џејлал Бајрами.

Секаков вид на притисок, закана или уцена на денот на референдумот ќе биде спречен и санкциониран, вели првиот човек на МВР. Спасовски апелира граѓаните да го пријават секој обид да им се попречи правото да гласаат.

Државната изборна комисија апелира до сите изборни органи, вклучени во референдумскиот процес да работат професионално одговорно и според законските процедури.

Од ДИК потенцираат дека акредитираните набљудувачи на никаков начин не смеат да влијаат на постапката на денот на изјаснувањето на референдумот, како и во постапката при броење на гласовите, не смеат да носат партиски симболи и ознаки, да даваат упатства на гласачите, изборните органи, овластените претставници, ниту  да влијаат на работата на изборните органи.

Во исто време и амбасадата на САД во земјава преку соопштение им препорача на своите државјани и вработени да ги избегнуваат местата каде се можни собири на граѓани во пресрет на референдумот, а особено просторот пред Собранието и плоштадот Македонија.

 Различни групи имаат намера да демонстрираат против претстојниот референдум за Преспанскиот договор за името меѓу Македонија и Грција, што ќе се одржи в недела на 30 септемвври. Спонтани ненајавени протести можат да се случат и на други локации во Скопје во овој период. На персоналот на американската Влада му се советува да ги избегнува местата каде што се можни демонстрации, се наведува во соопштението од Американската амбасада во земјава.