Македонија
30. January 2021 - 20:02

Охриѓанецот кој починал со новата мутација на Ковид-19 имал 46 години, од кога британскиот сој се шири низ земјава?

Првата жртва на британската мутација во земјата е 46 годишен маж кој имал и претходни хронични заболувања и починал на 8 јануари. Кај него и уште кај еден пациент кој веќе е на домашно лекување вчера во генетската лабораторија во Клиниката Жан Митрев во примероците откриле дека го имаат заразниот сој а истиот тим пред неколку дена објави и за првиот случај во Македонија кај кого беше потврден мутираниот вирус а кој имал позитивен тест на Ковид 19 уште во декември минатата година.  Ниеден од тројцата мажи не патувале во странство.

-Сите контакти се локални во рамките на нивнтоо движење, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Колку во земјата е проширена британската мутација ќе проверуваат во лабораторијата на МАНУ. Веќе земаат примероци од кластерот на Нефрологија каде бројот на заразени се искачи на 29 а заразени има и меѓу пациентите кои одат на дијализа. Здравствените власти велат дека вирусот на клиниката најверојатно е донесен од надвор и засега нема потреба од посебни мерки во оваа установа која од вчера веќе не е ковид центар. Министерот за здравство не ја исклучува можноста да дојде до влошување на состојбата поради британскиот сој и затоа повика на внимателност.

-Можно е оваа мутација да е присутна во последните неколку недели кога имавме една права линија на бројот на новозаразени, но сепак  нема влошување на епидемиолошката состојба. Меѓутоа, се уште не е исклучена можноста од тоа и затоа мора да бидеме внимателни и сите мерки остануваат на сила како и досега, вели Филипче.

Според бројни студии вакцините штитат и од новите мутации, но во нашата земја се уште не е пристигната ниту една доза од ниту еден производител. Филипче оптимистички како и вчера потврди дека во февруари ќе стигнат вакцини и имунизацијата ќе почне.

-Во крајна фаза се преговорите со кинески Синофарм. Од Фајзер побараа уште еднна дополнителна документација и со нивното претставништво во Белград комунициравме и очекуваме наредната недела да ја добиеме драфт верзијата од договoрот, вели Филипче.

Засега се уште нема одговор од Ковакс преку кој механизам Македонија очекува 833.000 вакцини. Уште 800 000 Министерството договорило со Фајзер а 200.000 е количината за која преговараат со Синофарм.