Македонија
23. November 2020 - 16:36

Охридското обвинителство истражува кој ги објавува јавно податоците на заразените

Oхридското обвинителство истражува кој објавува списоци со имиња на заразени лица со Ковид 19. Веќе неколку месеци на социјалните мрежи се објавуваат имиња и презимиња на позитивни охриѓани тие во пораки се препраќаат од лице на лице и секој може да има достапност до нив. Од обвинителство истакнаа дека отворена е истрага по добиените сознанија од полицијата.

„По добиено известување од СВР Охрид, Основното јавно обвинителство Охрид оформи предмет, по кој јавен обвинител презема дејствија за утврдување на факти и прибирање податоци,“ велат од Основното јавно обвинителство.

Охриѓани се вознемирени бидејќи како што се објавуваат дневните информации за заболени лица  веднаш протекува списокот со листа на позитивни од градот.

Точков тврди дека ниту еден список не е излезен од центарот за јавно здравје и најави дека за ваквата состојба била информирана полицијата се со цел да се покрене постапка и да се открие изворот.

Инаку охридската болница е преполна со пациенти позитивни на ковид 19 а епидемиолошката сосотојбата е крајно сложена. Само од  почетокот на месецов регистрирани се 684 новозаболени лица.