Македонија
1. August 2020 - 16:41

Охрид преполн со туристи, но и со ѓубре - колку се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19?

Охрид за продолжениот празничен Илинденски викенд врие од гости. Колони на возила од вчера и во текот на денешниот ден пристигаат во главниот туристички центар. Хотелските капацитети се целосно исполнети, место повеќе се бара и во приватното сместување, а како алтернатива се нудат и капацитетите во околината на градот. Посетителите кои одмараат на брегот на езерото подзаборавија на корона вирусот. Дел од туристите кои се дојдени се забавуваат и не ги почитуваат мерките за заштита не носат маски ниту пак држат социјална дистанца. Најголеми гужви има на плажите, чаршијата и кејот.

Угостителите кои овој период имаат полни раце работа велат дека од нивна страна се контролира состојбата, но сепак одговорноста сметаат дека треба да ја има секој еден посетител.

Шпицот на сезоната покрај огромен наплив на гости донесе и сообраќаен хаос, гостите паркираат каде ќе им текне, а секојдневно зад себе оставаат и купишта отпад.

Епидемиолозите сметаат дека напливот на туристи и непочитувањето на мерките за заштита на дел од гостите во наредниот период може да резултира со зголемена бројка на заразени лица.