Македонија
28. December 2015 - 14:50

Охрид подготвен за пречек на гостите за Новогодишните празници

Охрид, најпосетувана туристичка дестинација во Македонија, подготвен е да ги пречека гостите и сите оние кои ќе решат токму таму на брегот на Охридското Езеро да ја пречекаат Новата 2016 година.

Градот веќе е свечено украсен, блеснаа улиците во централното градско подрачје со нови реквизити и илуминации. За негово украсување оваа година од градската каса беа издвоени средства во износ од 1,8 милиони денари, а дополнителни средства во износ од 700 илјади денари се наменети само за свечениот дочек на Градскиот плоштад, како за хонорари за уметниците што ќе ги забавуваат гостите, така и за традиционалнот новогодишен огномет.

На Градскиот плоштад во Охрид во тек е дванаесетдневната предновогодишна програма, со настапи на ученици од  основните и средни  училишта, најмладите од  детските градинки,  млади уметници, членови на културно-уметнички друштва, танцови клубови, талентирани поединци.

Оваа година за добрата забава на отворено што ја организира градот вечерта на 31 декември ќе се погрижат уметниците од ансамблот „Билјана“, Боби Мојсоски, „Компас бенд“, Викторија Лоба, а новогодишната журка ќе кулминира со настапот на поп-ѕвездата Калиопи Букле.

Инаку, според најавите од туристичките агенции и хотелитерите се очекува градот и сместувачките капацитети на источниот брег на езерото да бидат речиси целосно исполнети. Најголем дел од туристите што ќе бидат тука за Новогодишните празници се пред се гости од  соседните држави и тоа од Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија, но закупени се и капацитети и за агенции од Полска, Турција и други држави.

За градоначалникот на Охрид Никола престојните Новогодишни и Божикни празници ќе претставуват своевидно заокружување на успешната туристичка сезона 2015.

- Се надеваме дека новогодишните празници ќе бидат еден финален дел, ќе ја комплетираат сликата на успешната сезона која што ја имавме оваа година, која бележи растечки тренд во однос на минатите години, рече тој забележувајќи дека на годишно ниво забележан е пораст во бројот на гости за 11 отсто споредено со минатата година и пораст на остварените ноќевања за  околу  7,6 проценти во однос на лани.

Што се однесува на цените на новогодишните аранжмани и новогодипните забави по охридските хотели и ресторани, тие се непроменети во споредба со оние од минатите години. Тие варираат до 160 евра за три дена со свечен дочек на Новата година, зависно од понудата и категоријата на објектот, додека само свечената вечера за дочекот на Новата година во хотелите чини од 1800 до 2100 денари.

Во познатите охридски ресторани цените на дочекот со свечено новогодишно мени чинат до 50 евра, со богато новогодишно мени, неограниќен пијалок и забава до раните утрински часови. Дел од угостителите ќе работат според варијантата на отворен влез, со редовни цени на храната и пијалоците.

Низ градот веќе има одреден број гости, пред се оние од државите каде се прославува Божик според Грегоријанскиот календар, сепак глевниот дел од гостите што ќе бидат во Охрид за Новогодишните празници вообичаено ќе пристигнат на 30 односно 31 декември. Иако временските прилики не соодветствуваат на оние какви што очекуваме за овој период од годината односно на зимски амбиент, високите температури и сувите коловози секако ќе значат поголем број гости на Охридската ривиера за Новогодишните празници.