Македонија
4. February 2020 - 10:23

Охрид го чествува делото и ликот на Григор Прличев

Со повеќе настани во рамки на годинашното издание на традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи” ќе бидат одбележани 127-годишнината од смртта на охридскиот и македонски поет и преродбеник Григор Прличев, како и јубилејните 190 години од неговото раѓање и 160 години од издавањето на неговото најпознато дело – поемата „Сердарот”.

Манифестацијата започнува денеска попладне во основното училиште „Григор Прличев“ со промоција на стихозбирката „Мојата шарена стихувалка” од ученичката Матеа Стоев.

За утре е предвидено активностите да почнат во 11:45 часот, кога во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на ликовни дела од уметници од земјава, по што следува централниот настан, свеченоста посветена на лауреатот на наградената поема за 2019 година, Стево Симски за неговото дело „Таинство на богомилите“.

Во четврток од 10 часот ќе биде поставено цвеќе пред споменикот на Прличев во основното училиште што го носи неговото име, а ќе се одржи и „Прличева визита“. Во 10:45 часот, пред спомен-бистата на поетот пред Градската библиотека ќе биде положен ловоров венец, а ќе се обрати претставник од Друштвото на писатели на Македонија. За од 11:30 часот е предвидена панихида на гробот на Прличев.

Книгата „Антологија на ловорот”, што ја изготвија проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски ќе биде промовирана во четврток напладне во Спомен-куќата на Прличев.

Настанот „Лични навраќања кон Григор Прличев“ од проф. д-р Вера Стојческа Антиќ и Прличевата визита во организација на библиотеката „Григор Прличев“ се предвидени во 13 часот во библиотеката.

На 7 февруари ОУ „Григор Прличев“ по повод патрониот празник организира и Спортски ден со повеќе содржини.