Балкан
30. November 2017 - 20:07

Официјално Сараево тврди дека нема паралелен воен систем во БиХ

Босанската Државна агенција за истраги и заштита (СИПА) тврди дека не располага со сознанија за формирање паралелен, односно таен воен систем во Босна и Херцеговина, со кој, наводно координира член на Претседателството на БиХ.

- Државната агенција за истраги и заштита не располага со сознанија за формирање паралелен/таен воен систем во БиХ, со кој наводно координира наведениот член на  Претседателството на БиХ, соопшти СИПА.

Соопштението на СИПА е реакција текст во белградскиот весник „Вечерње новости“ во кој се тврди дека членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ спроведува илегална обука на паравоени формации, која до сега ја поминале најмалку 9.000 млади Бошњаци на возраст од 18 до 35 години, а 5.000 од нив задолжиле и униформа и основна воена опрема.