Македонија
18. January 2016 - 16:58

Официјално прифатена кандидатурата на Срѓан Керим за генерален секретар на ООН

Официјално прифатена кандитатурата на Срѓан Керим за функцијата Генерален секретар на ООН. Претседателот на 70-то заседание на Генералното собрание, Могенс Лукетофт и постојаниот претставник на САД во Обединетите нации, амбасадорката Саманта Пауер преку заедничко писмо ги известија сите земји-членки на организацијата за поднесената кандидатура на македонскиот кандидат.

Во предизборниот период за избор на Генерален секретар, односно до јули годинава Керим ќе оствари средби со претставници на петте постојани и 10-те непостојани членки на Советот за безбедност. Во изборната постапка Керим го очекуваат голем број настапи и излагања пред значајни регионални организации како Европската унија, Африканската унија, Арапската лига и Огранизацијата на неврзани земји, билатерални средби со високи владини претставници од Европа, САД, Латинска Америка, Африка и Азија, како и повеќе настапи пред земјите членки во седиштето на ОН во Њујорк, во Генералното собрание и Советот за безбедност.

Во трката за Генерален секретар на организацијата се очекува да се вклучат десетина светски познати политички лидери. Од ОН информираат дека при изборот пресудни ќе бидат дипломатското искуство и менаџерските и лидерските способности на кандидатите. Одговорот на прашањето дали томку Срѓан Керим ќе биде следниот прв човек на светската организација се очекува во септември, бидејќи вториот мандат на актуелниот генерален секретар Бан Ки Мун истекува на крајот на годинава.

Неговата кандидатура доаѓа по предлог на Владата. Како поранешен министер за надворешни работи на Македонија и претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, важи за човек со богато дипломатско искуство, кој во својата кариера има добиено бројни меѓунардони признанија.