Македонија
2. July 2020 - 16:49

Официјална Софија се уште не реагира на содржината на преговарачката рамка за Македонија, во делот на јазикот

Бугарија се уште без официјален став за нацрт преговарачката рамка на Европската комисија. Официјална Софија не реагира на документот кој предвидува дека европското законодавство треба да биде преведено на македонски јазик, кој тие го поставија како услов за старт на преговорите на Македонија со Европската унија.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева утрово ја искористи виртуелната дискусија посветена на германското претседавање со Советот на Европската унија за накусо да ги потсети земјите членки дека Бугарија останува на ставот дека добрососедските односи треба да бидат во фокусот на преговарачкиот процес.

„Задоволство е да се види дека земјите од Западен Балкан поветорно ќе биде во фикусот на германското претседавање.  За Бугарија е важно да ги започнеме преговорите, секогаш сме ги поддржувале, но очекуваме да видиме во рамката на преговори и да се фокусираме на добрососедските односи како хоризонтален критериум во контекст на проширувањето“, вели Захариева.

Одржувањето на првата меѓувладина конференција и официјалниот старт на преговорите на Македонија со унијата, Бугарија претходно го услови со македонскиот јазик. Македонија ќе мора да заборави на постоење на македонско малцинство во Бугарија и да го користи терминот службен јазик на РСМ, стои во заклучоците на Софија, во кои се потенцира дека спорведувањето на договорот за добрососедство ќе биде проценувано во сите фази на процесот на пристапување на Македонија кон Европската унија, вклучително и пред Бугарија да даде согласност за одржување на првата меѓувладина конференција.