Македонија
8. February 2017 - 16:54

Официјален Вашингтон не го подржува Рорабакер, туку сувереноста и територијалниот интегритет на Македонија

Нови жестоки реакции предизвика ставот на американскиот конгресмен Дејна Рорабакер за поделба на Република Македонија помеѓу Косово и Бугарија. Експресна реакција пристигна од официјален Вашингтон.

-Соединетите американски држави го признаваат и поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Оваа политика не е променета!’’

Тоа е ставот на Стејт Департментот што го пренесе американската амбасада во Скопје, по барањето да се изјасни за опасните идеи на конгресменот

За повикано се почувствува и Министерството за надворешни работи на Бугарија кое не ја коментира детално изјавата на Рорабакер, но ја реафирмира поддршката за земјава. 

-Ситуацијата на Балканот традиционално е во фокусот на многубројни изјави за јавноста. Бугарија има принципиелна и конзистентна политика за европската и евроатлантската интеграција на сите држави од Западен Балкан, ја пренесува агенцијата БГНЕС изјавата од Министерството за надворешни работи.

Реагираше и македонската дијаспора од САД. Оттаму бараа Рорабакер итно да си поднесе оставка од позицијата претседател на Поткомитетот за европски работи.

-Ги повикуваме претседателот на Конгресот, Пол Рајан и лидерот на мнозинството во Конгресот, Кевин Мекарти итно да го отповикаат конгресменот Рорабакер од неговото претседателство на овој значаен Подкомитет во Конгресот и го повикуваме претседателот Трамп да упати критика кон Рорабакер за неговите коментари, се вели во реакцијата на ОМД.

Дијаспората ги повикува американците со македонско потекло да ги контактираат нивните претставници и национални лидери со барање одговорност за Конгресменот.

-Истиот конгресмен во 2011 година предупреди на наводна ,,опасност” од спроведување попис во Македонија. Рорабакер има долгогодишни конекции со УЧК, терористичка организација поврзана со воени злосторства и бројни криминали, и е близок до лобито на оваа организација во САД.Тој во 2001 година отворено повика САД да ја вооружат УЧК, и покрај постојаните извештаи за масакрите врз невини цивили, се вели во реакцијата на ОМД.

Интересно е што Рорабакер беше кандидат во сенка и за престижната позиција во новата администрација на Трамп, државен секретар.