Бизнис
28. јуни 2020 - 21:04

ОЕЦД: 77% од македонските граѓани се загрижени за тековните трошоци

Македонците сакаат да штедат, но нема од што да заштедат. Дури 77% се загрижени како ќе ги платат тековните режиски трошоци, а на половина од испитаниците финансиската состојба не им доволува да живеат како што сакаат.

Според истражувањето на ОЕЦД за финансиска писменост  на возрасните од  Југоисточна Европа,  60%  од граѓаните во земјава истакнале дека месечните приходи си ги чуваат дома, односно во паричник. Немаат вишок пари да тргнат на страна, односно само 25% штедат во банка, 11% им помагаат на најблиските за да преживеат. Само 10 отсто штедат во недвижнини, а 1% купуваат акции или биткоини.

Според истражувањето, една четвртина од македонците живеат од денес за денес. Ако им излезе некој непредвидлив трошок, речиси 70% влегуваат во минус на картичките  или позајмуваат од најблиските роднини или пријатели. На вересија, со ветување дека подоцна ќе платат живеат  8,5%,  а 3,8 отсто земаат аванс од работодавачот. Дека финансиите им го контролираат животот, однсно ги спречува да ги прават работите кои ги сакаат одговориле  64%  од македонците. За да дојдат до екстра кеш, 20% работеле прекувремено, 18 отсто морале нешто да продадат, а 1,5% барале  помош од Владата.

Граѓаните од нашата земја, во споредба со останатите имаат доверба во пензискиот систем, одноно веруваат дека ќе земаат пензија кога ќе се пензионираат.

Генерално, жителите на 7 те анализирани земји се финансиски писмени, но под стрес за нивната финансиска состојба и  преживување.