Македонија
3. September 2020 - 16:37

Одземен пасошот на инвеститорот, дивоградбата сеуште се руши

Продолжува уривањето на објектот пред Трговскиот центар Мавровка. Со механизација се урива втората половина од платформата на вториот кат. Работниците денеска ја сечеа цврстата челична арматура за објектот да може да падне. Сепак, поради цврстината на градбата, уривањето се уште оди бавно.

Откако вчера адвокатите на инвеститорот беа незадоволни од вклученоста на владата и начинот на уривањето на објектот, скопскиот градоначалник рече дека начинот на уривање е полегален од начинот на градење.

Тој појасни дека документите кои вчера инвеститорот ги приложи се однесуваат за легализација на еден дел од старото кафуле Фонтана.

-Таму е легализиран објект кој што беше долу во сутеренските простории и само тоа било предмет на легализација. Не може да станува збор, да ги поистоветувате легализацијата од општина Чаир во сутерен со оваа грдосија која што таму никна. Едноставно, да не се правиме на Тошо и да тврдиме дека тоа што било предмет на легализација и за што сопственикот платил надоместок, општина Чаир утврдила дека постојат услови, дека е ова што е предмет на рушење. Навистина сметам дека поигрување со здравиот памет со нас како граѓани, а после како луѓе што ги водат институциите, рече Шилегов.

Новиот министер за транспорт, пак, вели дека досега не се сретнал со градоначалникот на Чаир, Ганиу за да ја види целата документација. Но, според информациите кои тој ги поседува, објектот е изграден на две катастарки парцели. Сепак,тој појаснува дека земјиштето кое се наоѓа под легализиран објект не може да се купи.

-Катастарската парцела која е проверена е државна, а втората катастарска парцела која е поголема го зафаќа објектот „Мавровка“ и има дел државна сопственост, но и неколку други сопственици. Меѓутоа, човекот кој што е негов овој објект не е во тие сопственици. Ваквиот  тип на објекти кои се од втора категорија се видови на објекти кои се под директна надлежност на локалната самоуправа и на локалните власти и би сакал да упатам апел до сите локални самоуправи и сите градоначалници да си ги спроведат постапките за избор на фирми кои што ќе вршат ваков вид на извршувања по завршени постапки и по инспекциски надзор со донесено решение за уривање на одреден нелегален објект, вели Бочварски.

Опозицијата вели дека доколку власта се одлучила таа бесплатно да руши бесправно изграден објект, тогаш на ист начин треба да се третираат сите такви објекти. 

-Очекуваме во најскоро време коалицијата СДСМ и ДУИ на ист начин да постапи и со другите дивоградби, пред се, со објектот зад мене, а потоа и со околу 80-те дивоградби на Попова Шапка, за што локалната власт во Тетово не реагира. Очекуваме ист третман да добијат и дивоградбите во Охрид заради што и меѓународно е загрозен статусот на градот, пред се, заради градбите кај обележјето на градот-стариот Чинар, но и објектите на крајбрежјето, објектите на Нефи, советникот во охридската локална власт, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Македонијапат вчера почна да го руши објектот само еден ден откако Владата на седница донесе одлука ова Јавно претпријатие да го изврши уривањето. Претходно, на два тендери на општина Чаир не се пријави ниту една приватна компанија.