Македонија
23. October 2021 - 16:38

Одвоена прослава и на Денот на македонската револуционерна борба

Поединечни честитки и делегации, скромно и без единствена прослава, македонските политичари го одбележаа 23-ти октомври, една од најсветлите точки во историјата на македонскиот народ.

Политичките елити не го препознаа периодот кога македонскиот идентитет се оспорува и е на удар како можеби никогаш досега, како момент да се обединат и заеднички да упатат силна и единствена порака до пошироката јавност.

Основањето на Македонската револуционерна организација пред 128 години, што се смета за почеток на идејата за автономија, за претседателот Пендаровски е пресвртна точка од која започна долгиот и макотрпен пат за создавање на независна македонска држава.

“Без разлика на вера, етникум, идеологија, партиска или каква било припадност да се обединиме околу идејата за демократска, развиена, напредна и просперитетна Република Северна Македонија. Да ги надминеме предизвиците на нашето време,  да си ја сакаме и чуваме државата,  да не се арчиме со меѓусебни судири и да го оставиме личниот интерес и суетите настрана”, порача Пендаровски.

За честитање на празникот, премиерот Зоран Заев ги одбра социјалните мрежи.

“Денес, во годината кога одбележуваме 80 години од народното востание и 30 години од независноста, со цивилизациското наследство кое ни го остави македонската револуционерна борба, ги отфрламе политиките на поделбите и водени од желба за подобар живот и благосостојба, ги повикуваме сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединиме околу создавањето на едно прогресивно и праведно општество за сите”, вели Заев.

Во Градскиот парк две посебни делегации. Една владина и една партиска од СДСМ составени од пониските ешалони кои положија цвеќиња и се поклонија пред споменикот на Гоце Делчев.

“Празникот се одбележува како државен од 2007-та година, а поради кратенката ВМРО не ретко го пратела контроверза и обиди за претставување како партиски”

Честитајќи го, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека ова е празник кој ги опфаќа сите кои заедно ја почнаа борбата која резултираше со Илинден 1903-та, а кулминираше со Илинден 1944-та.

“ВМРО  е симболот на Македонското единство. Под знамето за слобода се обединети сите и Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, сите кои сакале слободна Македонија, да бидат свои на своето. Таа нивна мисла била многу напред во тоа време бидејќи се темелела на принципите на солидарност, еднаквост, правда, правичност”, напиша Мицкоски.

За празникот не изостана ниту честитка од претседателот на парламентарниот дом. За Талат Џафери, токму 23-ти октомври е ден кога државата треба да биде сплотена.

“Идејата за современа, стабилна, успешна и демократска држава која обезбедува добар, квалитетен живот и благосостојба по европски терк и стандарди за сите свои граѓани кои се активни учесници во позитивните промени во Република Северна Македонија е остварлива само ако бидеме сите сплотени кон таа заедничка цел. Само тогаш ќе ја надминеме секоја препрека и невозможното ќе биде возможно”, напиша Џафери.

Основањето на Македонската револуционерна организација на 23-ти октомври историчарите го претставуваат како точка од која тргнува стремежот, а потоа и формирањето на независната македонска држава.