Македонија
15. March 2018 - 20:58

Одржана првата седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија

Во Белград денеска се одржа првата седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија чија цел е надминување на бариерите и сите отворени прашања за полесен проток на стоки и унапредување на размената.

Како што дознава дописникот на МИА од Белград, состанокот се одржал во повеќечасовна конструктивна атмосфера на која е договорено интензивирање на контактите во рамки на Мешовитиот комитет на експертско ниво во институциите и размена на информации околу конкретни спогодби во делот на трговијата меѓу двете држави.

Договорено е следниот состанок да се одржи во Скопје, како што дознава МИА, во најскоро време, но не подоцна од еден месец.

Македонската делегација во Комитетот ја претставуваа седум членови, претставници од Министерството за земјоделство, Царинската управа, Државниот инспекторат за земјодлство, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и стопанственици, а делегацијата ја предводеше Трајан Димковски од МЗШВ.

Српската делегација во разговорите ја предводеше Стеван Никчевиќ-државен секретар во Министерството за трговина, туризам и телекомуникации со претсавници од другите сродни институции во Србија.

Комитетот се формира по иницијативата што произлезе од средбата на министрите Љупчо Николовск и Расим Љајиќ во Скопје, на 7. месецов кога беше постигнат договор за увозот на српското брашно во земјава.