Македонија
25. јуни 2019 - 21:05

Одобрени 931 специјализација и 130 супспецијализации за 2019-2022

Согласно со мрежата на здравствените установи (2019-2022), Владата денеска на седница одобри вкупно 931 специјализација за оваа и за наредните три години. Како што соопшти Министерството за здравство, за 2019 година се одобрени 346 специјализации, од кои 22  се преземања од приватна специјализација, 241 специјализација за 2020 година, 184 за 2021 и 160 специјализации се одобрени за 2022 година.

Во рамки на предлог-програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар што денеска ја усвои Владата, одобрени се и  вкупно 130 супспецијализации за  четиригодишниот период: 68 за 2019 година, 24 за 2020, 22 за 2021 и 16 за 2022 година.

Според Законот за здравствената заштита, јавните здравствени установи за спроведување на програмата се должни да обезбедат финансиски средства во висина потребна за спроведување на специјализациите, односно супспецијализациите. Овие средства, како што наведува Министерството, ЈЗУ ќе ги уплаќа сукцесивно, по семестри, во тек на целото времетраење на специјализацијата и супспецијализацијата.

На денешната седница Владата ја усвои информацијата за потребата од набавка на лекот Nusinersen (Spinraza) за пациентите со спинална мускулна атрофија (СМА) и го задолжи Министерството за финансии да обезбеди дополнителни 147.600.000 денари во Буџетот на Министерството за здравство за 2019 година. Министерството за здравство, пак, се задолжува по обезбедувањето на средствата да спроведе постапка за доделување договор за јавна набавка за овој лек.

-Со воведувањето на новиот лек како прва генска терапија во нашата држава во третманот на пациентите со спинална мускулна атрофија, се добива можност за интервенирање и промена на текот на болеста со одржување и подобрување на моторната функција, а со тоа подобар квалитет на живот и продолжување на животниот век. Во Северна Македонија се регистрирани седум пациенти во детска возраст (до 18 години) и тоа СМА тип 2 и 3. Овој лек во земјите во ЕУ се применува од 2017 година, а во повеќето балкански земји е во редовна примена од почетокот на 2018 година, наведува Министерството за здравство.

Владата го усвои и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на правата на пациентите, кој ќе биде доставен до Собранието. Целта на законот е да се обезбеди и промовира целосно остварување на човековите права и основни слободи на сите лица без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост и родовиот идентитет и пол, како и унапредување и заштита на правата на пациентите со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините во државата.