Македонија
18. February 2019 - 17:10

Одложено судењето за „Талир“

Отсуството на обвинетиот Илија Димовски, го одложи почетокот на судењето за случајот Талир на СЈО. Тој го известил судот дека како шеф на собраниската делегација на Парламентарното собрание на НАТО, учествува на состанок во Брисел. На обвинителна клупа во овој предмет седат уште Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Леко Ристовски. Му се суди и на екс премиерот Никола Груевски, го застапува адвокат по службена должност.

„Сега е почеток, ќе имаме воведни зборови. Јас сум поставена по службена должност. Лицето е недостапно бидејќи органите на прогон имаат известување дека тој не е во државата“, изјава Билјана Крстевска, Адвокат по службена должност.

Освен обвинетите, во судница како претставник на партијата седеше и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека случајот Талир е политички монтиран.

„Заев соочен со непосредниот пораз кој што го чекува на претседателските избори, меѓутоа и се позивесо е дека после тоа ќе имаме предвремени парламентарни избори, се обидува преку сите полуги на власта да влијае врз ВМРО-ДПМНЕ. Јасно и недвосмислено се докажува фактот дека целиот овој политички процес е всушност политички прогон кон најголемата политичка партија во Македонија“, вели Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Талир, обвинетите одговараат за злоупотреба на службената положба и перење пари. Според СЈО, незаконски прибавиле 4,5 милиони евра од приватни компании кои наместо во државниот буџет, се уплаќале на сметката на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинета во овој предмет беше и Елизабета Чингаровска но нејзе нема да и се суди откако се спогоди со СЈО. Доби условна казна од две години затвор која нема да се реализира ако во следните пет години не го повтори делото.