Македонија
19. April 2018 - 16:22

Одложено судењето за насилството во Центар

Одложено денешното рочиште за предметот на СЈO, “Насилство во Центар”, на кое што требаше да бидат испитани двајца сведоци. Надлежниот судија Душан Јосифов донесе одлука процесот да продолжи во јуни, бидејќи претседателот на Кривичен Иван Џолев не бил во можност веднаш да одлучува по барањето за изземање на судии во предметот.

Барањето беше поднесено на почетокот на рочиштето, од страна на адвокатот Боро Тасевски, со образложение дека јавната обвинителка Катица Јанева дала изјава дека со прислушуваните разговори се опфатени и одредени судии.  

Обвинителката Фатиме Фетаи побара да се донесе решение за отфрлање на барањето како неосновано, со образложение дека за претседателот на Кривичен суд и неговиот заменик не може да се бара изземање доколку не се судии во процесот. Поради фактот дека предметот не се наоѓа во фаза на одлучување пред Апелација, Фетаи побара отфрлање и на барањето за изземање на в.д. претседателот на Апелациски суд и неговиот заменик.  

Во однос на барањето за изземање на судечкиот судија, таа побара судот да се произнесе за него.

Следните рочишта се закажани за на 1-ви и 6-ти Јуни.

Обвинетите во овој случај, поранешниот Премиер Никола Груевски, екс  министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште други девет лица, на претходното рочиште се изјаснија дека не се чуствуваат виновни.

Во предметот “Насилство во Центар”, обвинетите се товарат за поттикнување на настаните што се случија пред општина Центар во јуни 2013 година.