Македонија
1. July 2020 - 16:34

Одложено судењето за Боки 13 и Ременски - бараат изземање на Русковска

Фросина Ременски не сака Русковска да го застапува обвинението за Меѓународен сојуз во кое обвинета е за измама. На стартот од денешното судење, побара изземање на обвинителката бидејќи како што рече, Русковска постапувала пристрасно.

„Два пати сум спомната  во тој обвинителен акт. Јас имам сериозни аргументи кои што ќе одат во контекст на докажување дека ниту едно дејствије не е кривично дело кое што ниту е објаснето ниту е посочено од самата застапничка на обвинението. Тоа е дополнителен аргумент зошто се бара изземање на јавниот обвинител бидејќи се сомневаме за една сериозна селективност и тенденциозност“,изјави Фросина Ременски.

Пристрасност во работењето на Русковска препознал и обвинетиот Бојан Јовановски па и тој го поддржа барањето за смена на обвинителката. Рече дека работела во политички цели а во тоа и помагал и осудениот Зоран Милевски.

Обвинителката Русковска ги отфрли обвинувањата за пристрасност. Вели дека предметите ги формирала од прибрани докази. По барањето за изземање очекува да се изјасни државниот обвинител Љубомир Јовески.

„Нема никогаш да си дозволам емоции или било што друго да ме води при постапување на предмет. Единствена работа што ми е важна и на која секогаш сум се придржувала, а тоа е, дали е сторено кривично дело и дали јас имам доволно докази за да поднесам обвинение“, изјави Вилма Русковска, Јавен обвинител.

Освен Боки 13 и Ременски, во „Меѓународен сојуз“ се обвинети уште таткото на Јовановски, Миле Јовановски, заменикот претседател на невладината Јасна Ерцеговиќ и асистенка во сојузот, Христина Блажевска. Според обвинението се товарат за измама и перење пари бидејќи од двајца бизнисмени наплатиле скоро еден милион евра со ветување дека ќе се градат старски домови. Наместо во објекти, парите завршиле на девизната сметка на таткото на Јовановски.

Судењето треба да продолжи на 21 месецов кога ќе се и ќе се знае дали Русковска ќе биде заменета со друг обвинител.