Македонија
20. December 2016 - 16:55

Одложено рочиштето за случајот „Поткуп“ поради приватни обврски на Заев

Приватните обврски на Заев по петти пат ја одложија главната расправа за судскиот процес Поткуп. Неговата средба со италијанскиот амбасадор во земјава, беше причина судот да бара нов датум за старт на судењето, кое е закажано за 23 јануари следната година повторно на барање на опозицискиот лидер поради неговите обврски. И покрај тоа Заев тврди дека целиот случај против него е политички монтиран,  а неговите барања за одложување на судењата се оправдани.  

Претходно Јавното обвинителство го одби предлогот на одбраната на Заев за изземање на обвинителот Владимир Милошевски кој го води случајот Поткуп од самиот старт. Според нив постојат сериозни индиции дека Милошевски е дел од злосторничко здружување и поради тоа пред 8 месеци тие поднеле кривична пријава против него до Специјалното јавно обвинителство.

Според обвинението, Заев како градоначалник на Струмица се товари за барање поткуп од 200 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов за градежно земјиште, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Половина од парите, како што стои во обвинението требало да завршат кај Заев, додека другата поливина била планирана за изградба на црква во Струмица.