Свет
28. December 2016 - 14:44

Одложено гласањето за изградба нови куќи во еврејските населби во источен Ерусалим

Комитетот за планирање и домување во Ерусалим го одложи закажаното гласање за давање дозволи за изградба на нови 492 куќи во еврејските дослениччи населби Рамат Шломо и Рамот, јавуваат израелските медиуми.

Комитетот, претходно, соопшти дека ќе се спроведе планираното гласање без разлика на резолуцијата на ОН, но еден член на Комитететот ги известил медиумите дека тоа сепак нема да се случи, откако со барање за одлагање се јавил израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху.

Ваквата одлука доаѓа пред најавеното денешно излагање на американскиот државен секретар Џон Кери околу новиот план за завршување на израелско-палестинскиот конфликт и за израелските критики на однесувањето на САД во врска со последната резолуција на Советот за безбедност на ОН за еврејските населби.

Во петокот САД одлучија да не стават вето на резолуцијата со која се осудува изградбата на еврејски населби на територијата на Западниот Брег и источен Ерусалим, што се под контрола на Израел од јунската војна во 1967 година.

Таквото однесување на САД во Советот за безбедност на ОН предизвика гневна реакција на премиерот Нетанијаху, кој го осуди однесување на Вашингтон и ја отфрли резолуцијата.

Медиумите во Израел откриваат дека лутината на Нетанијаху била предизвикана од сознанието дека Израелците дознале од „арапски извори“ за намерата на САД да не стават вето, како и за тоа дека ги потикнувале другите членки во Советот за безбедност да гласаат за резолуцијата.

Стејт департментот ги отфрли како неточни обвинувањата на израелската Влада, но во изјавата беше посочено дека резолуцијата „ќе помогне да се разбуди Израел“.

Одлуката на израелскиот премиер да побара да се одложи гласањето за изградба на нови објекти во населбите што веќе се изградени во источен Ерусалим, се оценува како знак дека Нетанијаху не сака и натаму да ги влошува и онака нарушените односи со САД.