Македонија
28. September 2017 - 16:39

Одложени рочиштата за предметите на СЈО

Одложено првото рочиште за случајот “Транспортер”, во кој првообвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талевски. Причина за одложување на судењето е отсуството на обвинетата Јасмина Микиќ-Десановска, која имала сообраќајна несреќа на пат кон Скопје и не можела да биде присутна во судницата.

Градоначалникот Талевски, по одложувањето на судењето, изјави дека ова обвинение е политички монтиран процес против него.

Во овој случај обвинети се 23 лица за злоупотреби со превозот на битолските ученици. Новото судење е закажано за 6 ноември.

Поради отсуство на двајца од обвинетите, денеска беше одложено и рочиштето за случајот “Насилство во Општина Центар”, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи рече дека целата постапка намерно се одолговлекува.

Градоначалникот Андреј Жерновски посочи дека сите очекуваат организаторите на инцидентите да бидат казнети.

На изјавата на Жерновски реагираа од ВМРО – ДПМНЕ.

Со бледите изјави кои ги дава Андреј Жерновски повторно глуми жртва пред граѓаните. Времето на лаги и манипулации заврши. Граѓаните на општина Центар четири години го почувствуваа неработењето и неспособноста на Жерновски. Доколку Жерновски, беше по посветен на работа, колку што е посветен на давање на клеветнички изјави и манипулација, тогаш општина Центар би  имала многу повеќе проекти за граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Судењето за случајот насилство во Општина центар е одложено за 20 ноември.