Македонија
12. February 2021 - 11:22

Одложена посетата на министерот Османи на БиХ

За денеска најавената посета на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Босна и Херцеговина е одложена поради технички и организациски причини, информираа за МИА од Министерството за надворешни работи.

– По дводневната посета на Брисел и Луксембург, министерот за надворешни работи Бујар Османи, синоќа требаше да отпатува за Сараево, каде покрај средбата со својата колешка, министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, требаше да оствари средби и со останатите претставници на државниот врв на БиХ, наведуваат истите извори.

МНР додава дека работната посета на Османи на Сараево е одложена, бидејќи поради технички и организациски причини не било можно да се реализира патувањето од Брисел до Сараево.

– Османи и Тураковиќ изразија жалење за пропуштената можност, реафирмирајќи ја желбата за наскоро рализирање на меѓусебната средба, се нагласува во инфомацијата на МНР доставена до МИА.

Претходно, и Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина соопшти дека посетата на Османи на Сараево е одлoжена „поради технички проблеми поврзани со доаѓањето на делегација од Република Македонија во БиХ“.

Босанското Министерство информира и дека за новиот датум на посетата медиумите ќе бидат навремено информирани.

Османи денеска требаше да престојува во работна посета на БиХ, во рамки на неговата турнеја низ земјите од регионот.