Македонија
20. January 2019 - 16:56

Одложен стартот на второто полугодие, владата ги активираше препораките поради ектремното загадување

Зимскиот распуст за сите ученици продолжен за два дена. Ваква мерка донесе попладнево Владата, поради континуирано загадениот воздух во повеќе градови во Македонија.

Наместо утре учениците второто полугодие ќе го почнат во среда, но ако загадувањето продолжи, ќе се продолжи и распустот.

Енормното загадување во последниве денови ги принуди и надлежните институции да преземат итни мерки. Бесплатен автобуски превоз, запирање на градежните работи под надлежност на Град Скопје и двојно поскапен паркинг, се дел од мерките кои ги објави Град Скопје, а стапуваат во сила веднаш.

Поради големото аерозагадување во Македонија, во четири градови итните мерки за заштита ги активираше и Владата.

Во Скопје, Битола, Тетово и Струмица се препорачува работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Скопје и денеска е меѓу најзагадените градови во светот. Расчистување се очекува во вторник кога според меторолозите, очекуваниот ветер ќе ги однесе штетните честички од воздухот.