Македонија
2. September 2019 - 20:59

Одложен почетокот на судењето за хеликоптерската несреќа кај Струмица

Одложен почетокот на судењето за хеликоптерската несреќа која се случи пред нешто повеќе од пет години кај Струмица. Судењето кое требаше да започне денеска во струмичкиот основен суд е одложено за идниот месец. Одлагањето го побарал адвокатот на еден од обвинетите во случајот поради негово отсуство од државата. 

Информацијата ја потврди и портпаролот на судот во Струмица, судијата Цона Каламерникова која информираше дека судењето е одложено  поради немање услови за негов почеток и истото е закажано за 21 октомври со рочишта на 22 и 24 истиот месец.

Инаку, обвинението за хеликоптерската несреќа во која загинаа четворица припадници на МВР обвинителството до струмичкиот суд го поднесе во април годинава, а по разгледувањето на предметот советот за оценка на обвинение во мај го одобри истото. Со него се опфатени едно правно и две физички лица, односно  ЈП „Македонска радиодифузија“, тогашната директорка на претпријатието и раководител на сектор на заедничка техника во тоа време. Тие се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.

Хеликоптерската несреќа во која загинаа пилотите на МВР  Драги Мицев, началник на воздухопловните сили , Маријан Трајковиќ, пилот-капетан , Тоде Орешков, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал, и Илјо Лопатички, командир-пилот се случи  на 10 јули  2014 година во близина на кванташкиот пазар кај Струмица за време на ноќен тренажен лет . Полицискиот МИ – 17 летал на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно. Во моментот на уривањето леталото удрило во антенски  столб на македонската радиодифузија , а четворицата пилоти починале веднаш.