Македонија
15. July 2020 - 17:11

Одѕивот до 15 часот во Куманово е 30,06 отсто, Липково 25,01 и Старо Нагоричане 26,74 отсто

Од Државната изборна комисија на последната прес-конференција информираа дека имало краток прекин на одредено гласачко место во Лојане во  општина Липково, по што по проверката гласањето е продолжено и се одвива непрекинато.

Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани, информираше дека добиле информација дека имало краток прекин на гласањето, причината за прекинот било неусогласување на сериските броеви на гласачките ливчиња. Прекинот,  рече, траел  додека избирачкиот одбор не ги проверил гласачките ливчиња дали се на број, и е констатирано дека има толку гласачки ливчиња колку што има запишано избирачи во Избирачкиот список, согласно со Изборниот законик.

Целата ситуација, вели, е констатирана во посебен записник, а гласањето е продолжено и тече непрекинато.  Сепак, рече дека официјално до архивата на ДИК нема доставено приговор. Ова го потврди и претседателот на ОИК Липково, Лирим Јашари, кој кажа дека прекинот траел многу кусо и дека веднаш се продолжило со гласање.

Според податоците на ДИК дo 15 часот, во Куманово излезноста е 30,06 отсто, во Липково, 25, 01 и во Старо Нагоричане 26, 74 проценти.

Право на глас во Куманово имаат 92.167 гласачи, информираше  претседателот на ОИК Куманово, Драган Јовановски. Изборите ги спроведуваат  167 избирачки одбори

Претседателот на ОИК Липково, Лирим Јашари, информираше дека во општината право на глас имаат 25.632 гласачи кои ќе гласаат на 36 избирачки места.

Претседателот на ОИК Старо Нагоричан, Драган Јовановски, информираше дека  право на глас имаат 3.322 лица кои гласаат на 36 избирачки места, а процесот го спроведуваат 38 избирачки одбори.