Македонија
16. November 2017 - 13:47

Одделот за гинекологија во Кумановската болница доби нов инкубатор

Одделот за гинекологија и акушерство од кумановската болница денеска  доби инкубатор наменет за предвремено родени новороденчиња, донација од Владата на Република Македонија.

Оваа донација, велат одговорните од кумановската болница е значајна особено за предевремно родените новороденчиња. Со овој инкубатор, вкупно во кумановската болница на овој оддел има пет инкубатори.

- Апаратот е нов, софистициран, со сите потребни додатоци кои се потребни да претставуваат адекватна средина за едно предвреме родено бебе, а исто така ќе биде и олеснителна околност за Клиниката за гинекологија и акушерство и Клиниката за педијатрија, оддел за интензивна нега каде што се згрижуваат овие деца, кои по стабилизирање на состојбата ќе може да бидат вратени во нашата матична установа, изјави директорката на болницата Снежана Захариева.  

Инаку, инкубаторот во кумановската болница е  дониран пред утрешниот 17-ти ноември, Светскиот на предвремено родени деца.

Таа изрази надеж дека на ваков начин ќе се надмине проблемот со смрттност на новороденчињата.

- Последните години тоа беше актуелен проблем, се надевам дека и со добра кадровска екипираност и добра опременост со апаратура ќе успееме да ги надминеме овие проблеми и да бидеме држава во која новроденчињата ќе бидат наша иднина,  изјави Захариева.

Според неа, донацијата на инкубаторот е знак дека грижата за најмалите пациенти се води како што треба но, истакна дека апаратурата е еден од сегментите за подобрување на здравствената заштита на новороденчињата, а потребно е, рече, и подобра кадровска екипираност.

Таа потенцираше дека на овој оддел нема неонатолог, откако две докторки си заминале во пензија, а една во приватниот сектор. За новороднечињата, додаде се грижат педијатри, а се повикуваат и неонатолози од ГАК. Доставено е барање до Министерството за здравство по ова прашање и, како што рече, очекуваат позитевен одговор. 

Вчера, Владата донираше 16 нови инкубатори на одделението за интензивна на Клиниката за гинекологија и акушерство, а кумановската болница е една од десетте јавни здравствени установи кои добиваат инкубатор.

Во Куманово годишно се раѓаат околу 1.400 деца.