Македонија
10. April 2018 - 16:17

Одбраната во „Тенк“ бара изземање на судиите

Судечкиот совет во предметот Тенк го одби барањето на адвокатите на екс-премиерот Груевски за изземање на првиот човек на Кривичен Иван Џолев.

Тој пак го одби барањето за изземање на судиите кои постапуваат во предметот на Специјалното обвинителство.

Преку писмено соопштение од судот објаснуваат дека според закон адвокатите може да поднесат вакво барање само доколу претседателот на судот постапува како судија.

По интервјуто на Катица јанева, адвокатите се соомневаат и во пристрасноста на судиите, но ниту по оваа основа не беше прифатено нивното изземање. Екс-премиерот Груевски вели дека судот секој ден ја докажува својата политичка зависност.

Доказ повеќе за судската непрофесионалност, според Груевски е и фактот што три недели по ред има закажани судења секој работен ден, со што се кршат неговите основни права.

И на денешното судење сведокот Ристо Ставревски советник во кабинетот на тогашната министерка Јанкуловска, потврди дека набавката на блиндираниот мерцедес била нужна и законска. Како пример ја посочи работната посета на Јегуновце во 2011-та кога тој и Јанкуловска  биле нападната од криминална банда, а блиндирано возило го чекале повеќе од 2 часа.

Со исказ на сведоци, судењето за предметот Тенк продолжува и утре.

ДЕСПИНА ТОДОРОВСКА